Една жена стана од зеленкастото ќебе
И се брцна во морето

(до глуждот
до колената
до половината
до градите
до рамената
до вратот)

додека ситната фигура не се стопи
под покривката од бранови со нишки од тантела.

Ветерот бавно ги вртеше страниците,
читајќи ја книгата што ја остави на брегот.

Приквечерта, го предаде парталавиот том на библиотеката на дините
И им ги наполни устите на ликовите со песок,

кои сѐ уште беа живи и се давеа
со речениците напишани на непознат јазик.

Таа беше странец, на околу триесет години.
Никој не знаеше која е.
Патуваше сама.

Превод од англиски јазик Ана Топенчарова Коваческа