Отфрлена песна од Константин Кавафи, напишана пред момчето од Мотија.

Мермер, 180 см, 460 – 450 пред Хр.

 

Песната

бара место

за шаховските потези на мојот копнеж.

Не може да го стори тоа отворено.

Ме поштедува од објаснувања.

Градот е бреме.

 

Преданија, апокрифи: старата ткаенина

ги покрива бедрата,

жолтиот белег на слабината

со ситни влакна.

Ведро зуење, ако си помислам,

над кожата како од

едноноќни вилски коњчиња.

 

Таа е газа, испредена

од каменен најбел камен.

Од многу пати скршено крило.

Неволно го кршам

 

повторно стариот материјал со јазикот: зборови

што ги чув пред берзата, во кафулето,

во собата со боја на катран. Ги собрав

од старите историски книги. Песната

не сака украсување. Потребна ѝ е

стилизација: плисе

што ја издава силата на облината.

 

Една песна е за никого.

Им ја испраќам на моите пријатели,

слободата да ја разберат

или да не ја разберат.

 

На својот пат собрала

деланки на ништото,

за да стои сјајно

таму на крајот.

Превод од германски јазик: Ксенија Чочкова