Секое попладне се мушнувам внатре да го следам напредокот

од изградбата. Ова огромно суштество,

со испланираниот преплет на штици, изукрасени и излакирани,

ќе се крене на триесет аршини, или бар така ми кажуваат.

Потајно се воодушевувам на таков хубрис. Може ли да веруваат

дека портите ширум ќе се отворат за добредојде,

дека нема да се смета за измамата која е,

дека пештерската утроба нема да испаничи и да ги задави

четириесетте несреќни херои предодредени да го јаваат?

Можам да ги предвидам Фригејците, подготвени за измамата,

како го прифаќаат ѕверот и го влечат на пазарот –

а потоа го палат со факлите! Може да ги фати со поглед веќе

престрашените закупници, во пламен и осакатени,

како пуштени се тркалаат, со сите свои копја и машини

бескорисни наспроти пожарот чии лути пламени јазици

би го предизвикале и моќниот Олимп.

Ах, Троја,

се плашам дека залудно ќе се трудиме да те освоиме,

дека твојот град ќе опстои илјада години,

дека илјада војни нема да го засведочат твојот пад,

дека боговите ќе се осигураат дека вечно ќе се славиш

долго после помалите гратчиња на работ од Големото Море

или завојуваните меѓу себе кои во Италија исчезнале.

Ахајците не разбираат ништо од историјата,

се смеат, лудуваат, секој ден Коњот им станува сѐ поарогантен;

некогаш навечер липам заради судбината која знам ќе ги снајде.

 

 

Превод: Елида Бахтијароска