вклучи го прекинувачот за телата да пламнат
изгаси ја свеќата што домува во лицето
за снопје светлост да се слеат
и застојат во мрежницата на окото

зауздај го жеравот и зауздај го самракот
за железото врз усните да се опсучи и овене
нацрпи три далии во кревок ум
за да не се осмели да се препне или подвоуми

*
Во секоја капка дожд што е
сред проѕирната пупка
се наоѓа една снегулка бела ил сина
и пупката пупи кога
сите знајни цвеќа свенуваат

На стари години Ле Корбизје скршнал
од рационална архитектура
кон емоционална

Проѕирна капка.
Непресметлива снегулка –
на земјата, упростена од мраз.
Еден оловен лебед плива во црната рана на каналот.
Плива и не се дави под северниот син слапеј.
Оловен ковчег во форма на лебед се лелее сред далгите.
Ветрот со својата дланка ја милува несредената волна на зелениот тревник.
Во оловниот ковчег лежи лебед – бел е ко и секој лебед бел.
Бел како дванаесет соѕвездија собрани на купче.
Си плива и не се дави и нема да се удави никогаш повеќе.
Годината на пепелишта, годината на ѓаволот и на дијамантот ќе поминат.
Одново еден лебед ќе плива во црниот канал.
Оловен лебед, на умирање, каде ли ќе бидам оставен да починам.

*
Ако рибата е виолина
би ја ловел ли виолината
знаејќи дека виолината ќе умре?
Ќе умре
но сепак во твоите раце
за момент нејзиниот звук
нема да стивне.
Но, ко што знаеш, виолината не е риба.
Иако – никој и не е баш сигурен.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски