Требаше порано Господ да ни се смилува
Да ни ги спои врвиците на излезот од детството
кога здивовите ни се мешаа
со првите шумски јаготки
а наместо коси ни растеа мирисливи ластари
од лозницата на дедо ми
Тогаш можевме да зборуваме со животните
и без срам од другите да црцориме слободно со птиците
Можевме да се разбираме со очите
и да го менуваме светот со своите бунтовни глави

Сега сè почесто посегаме
по сочната горчливост на цитронот
Ги разводнуваме клетвите на пријателите
а навечер со молитви го мамиме
избеганиот сон

Дење
додека пожолтените треви
зграгорено издишуваат со душите на умрените
и го проколнуваат самозаборавеното лето
заталкано којзнае на кој агол на планетата –
небото ни бега во недоглед
и Поезијата ја губи исконската смисла

Без неа сè потешко се сеќавам
на некогашниот благ вкус на раскласените пченки
што омајно трепери врз бориевското поле
и на расцутените дедови јонџи што ги мамат
пчелите и пеперугите…
Додека со детето во себе уште си разговарам
во сегашно време одеднаш станувам свесна
дека сè е сменето, како да сум преспала куп години
„Полето е напуштено“, рече братучед ми,
„Надолу волци ќе те изедат!“

Иако за празниците продолжувам да одам
кај моите на село
денес сè повеќе работи во селските куќи се градски
Исто како што шумските јаготки се само категорија
на Википедија
а сармите од лозов лист испаруваат заборавени
во пожолтениот Велики народни кувар на мајка ми

Порано требаше да се сретнеме
многу порано пред оваа научна екскурзија
на која повеќе се жалиме од современоста
и расправаме за болките во половината
отколку за смислата на Поезијата