Индонезиски војски масакрираа луѓе од Источен Тимор во потрага по нивната независност во 1999 г. со тоа што ги сакатеа со мачети и им ги фрлаа деловите од телата во бунар. Сонував дека сум во бунарот со нив и дека иако беа мртви, сепак се трудеа да се издигнат на површината.

СОН: БУНАРОТ – ТИМОР, ОКТОМВРИ, 1999 ГОДИНА

Има надеж, ама не и за нас – Кафка

Водата се лее далеку под нив.
Бистра е. Ја прочистува земјата. Ама овде,
во ѓубрето на мачењето, месечевата светлина се
распрскува врз изгорен камен и куки за месо,
голи торза натрупани во бунар. Ги замислувам
како се превртуваат изгубено, во тага над смртта –
небаре можат да ги држат своите придружници;
се креваат кон што и да свети
на нивната избраздена, мермерна кожа. Небаре
можат да се искачат преку апсолутниот праг
на нивното умирање; да ги најдат рацете ко солзи,
долу по лицата на оние кои ги сакале.
Ама не можат. Немаат ни раце ни очи.
Никој сега нема да ги крене
од бунарот од крвните гени – да оди со нив,
на пример, крај потокот од Пасторал –
надолу по вардени падини на изумите;
возврати им на бакнежот во шаренилото од сенките
каде слободата е расположение на силните.
Имаат толку краток пат за минување.
Ама сѐ што можат да препознаат е
цедењето на надежта-која-не-е-за-нив.

Превод: Елида Бахтијароска