Ме лутат прозорците во домот на другиот брег
од улицата, кој пенејќи се, плови надолу. Со часови
им ѕиркам на сосетките во тенџерињата во кои варат срценца
од врапчиња – така тато ги нарекуваше бубрезите во детството,
значи тогаш, кога мачките исчезнуваа и се враќаа
со промената на месечевата мена, со одгризано уво. Сега
веќе не кај мене – прозорците на приземјето се јавна куќа, во
сандачето
летоци со жени толку возрасни, колку што јас
никогаш нема да бидам, макар и да поминам на колена
од кујната до собата по издробено стакло.
На катот човек со кучешка муцка, или можеби
куче со човечко лице, никогаш не знам, со јадица
спушта стаклено око и ги ѕирка тие долу.
Ме лутат нивните прозорци. Претеруваат со тој животот,
како да не знаат дека воопшто не треба.
Превод: Ѕвонко Димоски