е тркалезен. Со денови пловиме, со месеци,
и уште патот е нов; незнајни ѕвезди.
Привлечени кон тебе, затегнати со време,
јажиња го врзуваат лебдечкиов под
за ветрот, поресени во звук.

Да се пристигне е да се спие таму
каде што прекинуваме да се движиме.
Отаде јатата од алишта
кон тој брег, преполн стогови од зборовни
рушевини. Ивица од сол,
бела тантела, на море-тешки нозе.

Љубовта кон копно копнее. Сета ноќ
го сонуваме заспаниот електрицитет на џунглата;
расчкрипени акорди од инсекти в уши впливуваат
и умираме, среде зеленило. Цела ноќ
љубовта си ја влече тучната мирисна драперија спроти морето
и ние се будиме со привлечноста на земја во нашите дробови,
гладни за леб и протокали.
Саламандери спраштуваат од сенката на твојот чекор, исчезнуваат
сред диви кафиња, месести кактуси, боцкави сукуленти и
цветови како каленици дождот што го збираат.
Морнари сме кои се скориваат кога луната провалува
во зачадената крчма на сонот, се скориваат да најдат име врз раката
или нашите тела со синевица од сонцето или од натиск на рака,
се скориваат со мапата на ноќта врз нашата кожа,
исцртана како камен од мов обружан.

Изгубени, отаде најзадната нам знајна станица,
полегнати по палуба, млечна светлост ладникава врз влажните коси,
гледаме нагоре зад аглите бродски кон ѕвезди скудни
како дрворез, и молитвиме никогаш да не стасаме до
светлата на тој невидлив град, каде

копно-опколени, немаат надеж за наш поврат.
Но некои ноќи, пробудени од ветрот,
гледаме горе кон различни ѕвезди,
и тие се потсетуваат на нас, со блед вкус на
сол врз нивните усни.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски