За малечката Нина која свири виолина и тогаш,

нејзината долга руса коса некако се слева

создавајќи акустично засолниште за водопадот светлина,

правејќи ја уникатна нејзината музика.

 

Се возевме низ длабоката ноќ по улиците на Толедо.

Толедо, град реликвија на високите ѕидини,

рид опкружен со едно корито на сува река,

спиеше.

 

Јапонската филхармонија спиеше.

Ел Греко жив како жива во потоците на тесните улички,

спиеше. Немаше ни трага од сиво-бело

црната луња. Камбанариите

 

долгунести како Ел Греко

во таа темна горештина, спиеја покриени

со свежината на спокојот.

 

Толедо убавице, виолинистките

студентки на јапонската филхармонија спиеја.

Манастирот на кармелитите во својата геометрија

на решетки и кружни отвори, спиеше.

 

Спиеја статуите на великаните морепловци

закотвени некаде во мракот.

 

Возевме по траекторијата на градот под долги светла.

По тесните коси улици и рамни плоштади, меѓу

куќите со непремостливи врски стивнати во ноќта,

нашиот автомобил едреше налик на фантом од иднината.

 

Портретите – масло на платно на сите бискупи од Толедо

спиеја под клуч. Алказар

исто така спиеше, староримската тврдина планина

кобна во својата темница, слонот од камен во својата белотија:

Некаде внатре, се вртеше грамофонска плоча …

autos da fe –

тие малечки плоштади кои кружат и кружат

некогаш во утрата беа пазари

а попладне судници

на инквизицијата

златни токи црни наметки качулки

многу луѓе и ритуални бикови удавени во каменото море

не се слуша ниеден од гласовите на тие плоштади

ниеден од концертите во ноќите од прекрасните градини

кои бликаа од бои и звуци

во последните петстотини години

како прекриени со восок од свеќи

од улиците –

 

Во брзите дамки на темните светла на Толедо

На твојата долга светла коса додека спиеш,

Малечка Нина – малечка Мара и Мартин сѐ уште буден –

јас гледам црти/на навигациска мапа

На патот поретко патуван

По кој сме минале како семејство

 

носиме дванаесет уникатни плочки интересна

Толедо керамика еден жилав чатал за Мартин

и ги шириме едрата со ветер во грбот.

 

По трагите на Алберти и Мачада и Хернандез

Тројцата поети на љубовта и прогонот

Орхуела Гранада Касарес Ронда Тарифа Сеговија

Пуерто де Санта Марија Кадискиот Залив и

Го гледам вон дострелот на светилникот бродот Соломон Leví Co.

Ѓердан од африканско дрво, островот на венчаните и

Гибралтар, последната точка

на Европа.

 

Ти малечка точкe сонцевина

Од тебе светови се создаваат.

 

Превод: Никола Кукунеш