Ги стресувам од себе зборовите свои и туѓи
и грижите што цел ден ми се лепеле за кожата
Ја развевам косата за да ја избркам
и последната вчипчена мисла од Матната
Сакам да бидам убав мртовец во својот Сон
Сакам да му тргнам во пресрет
сама и спокојна
како ветена љубовница
Ни млак трепет не смее да ми ги збрчка веѓите
Само морница на исчекување може
да ми протрча низ дланките

Легнувам спокојно
податно
исправена како неначната свеќа
Ги составувам нозете што одамна решиле да се здружат
и рацете ги склопувам на градите
Длабоко вдишувам
и издишувам сè човечко од себе
Убава невеста сакам да му бидам на Сонот
свежа како пролетта
дрочна како есента
разиграна како зимата
со една нога подготвена за бегство
како летото