крилат облак
сончева шлаканица за момент рефлектирана
од еден прозорец кој се затвора
така бега мислата

пепелниците не проговорија

во болежливата грмушка пречкртани чкртаници
никаква слика во исчекување да биде набрана
никаква ламба со потемнето стакло
која ќе светнеше одеднаш помилувана
од неколку прсти искривени како корени

па се прашувам вечерва
дали нешто
некаква ненадејна лутина на земјата
наспроти исправените стаклени заговори
за надминување на благодетите на небото
овие честички од космичка прашина
паднати над нашите градови
наталожени во нашите олуци
кои би откриле фалинка во елементарната физика
некој таен закон на човечката психа
се прашувам вечерва дали некаква несреќа
не ќе му дозволи на поројот
да ме избрише како детски цртеж
на вратата од просторијата за ѓубре
да ме истутка како парче облека
врз напукнатите плочки на еден балкон без потстанар

и за да го излажам ветрот
за да го спасам моето непостоење
што лизгајќи врз огледалата на дождот
мојот дијамантски ѓон на крадец
отсекува пасуси кон блесоците
кои се разлеваат во длабочините на ноќта

Превод од француски јазик Надица Николоска