Следејќи го покајанието на патиштата
расцепите на пејзажот
дијагоналата на лудаците
наборите на страницата
фрактурата на логиката
кривините на умот
чекорам за да ги избришам патиштата
ги стегам мравките на времето во моите тупаници
зборувам без водство за да се затемнам
од мистеријата на зборовите кои ми претходат
пешак со чекори расипани
од соседството со плевел и инсекти
воајер со срце прободено од светлината на некое друго место
брзоплет кој му зборува на амбисот за да го забави својот пад
изгледа дека длабоко во шумите
крцкаат врати
и тогаш како јазол се движам
помеѓу дрвата со извиткани прсти
обесениот чирак го влече своето јаже
мојот полов орган плаче над мртвите стебла
гласовите се оддалечуваат еден по еден
и врз моето наоблачено лице
малата сина месечина
се соголува од мојата насмевка
додека елипсите
цик-цак скоковите и потскокнувањата
ги врзуваат неважностите
во еден дијалог во кој ги кани мојата тишина
Превод од француски јазик Надица Николоска