Појадок со Бертолт Брехт под липата.
Чинијата ми свети жолто, неговата некоја портокалова нијанса.
Прженото јајце, спрострено меѓу нас,
веќе не вреска за внимание:
сполај му на сонцето, сполај му на бога.
‘Mein Lieber Freund’* ми вели лежерно,
‘Веруваш ли во Источна Европа?’
Крошните на дрвјата ко оптегната ортома, секое стебло
натискана кутија за чај. Дури се збогуваме
ми дава рецепт за коктел
кој долго време не е во мода, и ме замолува никогаш
веќе да не настојувам за вистината. Danke schön** му велам,
што ми дозволи да се држиме за раце, ab und zu***.
Превод: Горјан Костовски

* Драг мој пријателе (заб. на прев.)
** Благодарам (заб. на прев.)
*** Чат-пат (заб. на прев.)