Летечката виолина на берберот…
Осип Мандељштам
Виолетовата боја на Феодосија — примрак… Свети светилката
На симпатичното кафуле крај ајвазовското море.
Одвреме-навреме галебите своите глупости ги викаат —
Запенетите бранови се како порцелан куп искршоци сторен.
Во незадолжителната Кимерија треба полека да ги пиеш,
Голтка по голтка, тие црвени вина што богатства вредат,
И да се искачуваш, небаре по нагорен пат скриен,
По строфите на поетите кои тука оставиле трага.
Поточно – ја скриле во зборот тажната глетка
На загреаните камења и на степата во јадри бои,
Животот со кавкаско лепче и виолината на берберот што летка…
И што, што уште? Кој сето тоа ќе може да го спои?
По ова сокаче скитал мечтател и на лажговците брат,
Најневиниот пијаница, мореодец што по копно брзал,
Молчаливиот Гриневски на својот сончев и пеколен пат:
Галериска 10, каде што животот без милост го врзал.
По сокачево одел, густите грмушки ги гледал,
Виолетовата боја, најсмирувачка на светов…
Нека се полни чашата, да ја кренеме за буквите кои се редат,
Немаштија за немаштија, за музиката што ја разбира ветрот,
За случајниот живот, за пристаништето што го испраќа бродот,
За празната крчма во Кафа што багремов цут ја плиска,
За модрото море: на медузата, на актинијата, на јодот,
На пиратските закопани азна, на елмазите, злата, бисерната ниска!
Превод: Тања Урошевиќ