На Виргинија

Ти си тоа скршено тело во полумракот што мириса на оган зашто никогаш не се скроти. Ти си ветрот што дувна меѓу поразените мои зборови и ги направи пепел што ги собравме за да имаме утре леб на нашата софра. Ти си отклонувањето на идното пријателство што го повикува споменот на поранешното со очите на оној пес кој една недела ја прими во својот поглед твојата нежност. Ти си едно искушение на бездната и на градината неисцрпна, полна со јаболкници и со недофатни крајчиња на стихотворба. Ти си електрицитетот на еден шпански Август додека се ноќева покрај реката и го фрлаш својот црвен жакет врз своите рамења. Ти си еден град со тивок дождец врз неговите слогови: мојата Песна на песните.

Превод од грчки јазик Паскал Гилевски