Попладнето го криеше својот страв под мостовите
а Белград беше светлина
спремна да ги покори оние кои сонуваат со очите затворени.
Снегот го носеше уплавот на огревот
а јас го допрев студот со твојата рака
чувајќи го само за тебе домот
кој го имам скриено во моите џебови.
Времето не ни беше доволно во Дунав
и ти во полн трк ги брцна нозете
во водата која ти се чинеше море.
А вистината беше толку далечна ко и твоите стравови
на другиот брег,
знаеше дека реката си го заборава минатото
додека морето е бескраен пат на враќање.
Овој град има одвишни битки колку што твоите чекори имаат
порази; и излишно е да се каже
дека за тебе си го сочувала другото лице на вистината.
Декември е во Белград
но твоите малечки стапала веќе го препознаваат
студот кој го испушта земјата на цел еден град.
Сега палиш цигара за да видиш како се гаси меѓу снегот
и се откажуваш од сите имиња кои не можеле
да го изговорат твоето:
тоа се оние градови кои под своите мостови
повеќе не умеат да се разбудат.
Можеби, само јас талкав таа ноќ
само јас од снегот правев патека кон патот
каде што чекаш.
Но во меѓувреме, си го зела тоа што останало од деновите
в рака
—покривајќи ги со тебе —за да ги чуваш во топлината
на моите џебови.
Превод: Никола Ѓелинчески