задува силен ветар од бугарија
и ја донесе близината од која
се сруши целото предградие.
со денови се матеше во главата,
одвреме-навреме немаше ни слика ни тон,
а вечерва некој човек
само грофна
и умре среде истикал.
се собраа луѓе,
поделија совети,
еден се обиде да го оживее,
друг му ја отпушташе згрчената дланка:
попусто!
попусто!
стигнаа две полиции
итна и оџата во минување.
некои фотографираа;
не можеш да ја фотографираш смртта!
сам во брадата си зборував
на хрватски
сигурен дека никој не ќе ја разбере
евтината провокација.
ветрот ги креваше картонските кутии
и ги развеваше кон таксим,
уличните свирачи свиреа налудничаво,
без престан, како да бегаат од нешто,
педесет метри од мртвото тело,
кое го замотуваа во црна вреќа.
како што тоа го прави полицијата.
не, не, ни едно започнато движење не застана!
не, не, ни еден не престана да рекламира дуруми и костени!
сирените се прелееја во звуците на другите сирени!
десет минути подоцна токму на тоа место
босоноги дечиња пресложуваа
сложени мелодии
на традиционалните инструменти.
тука имаше и трети,
на другата страна од улицата,
но до нив веста ниту ни стигна.

Превод: Славе Ѓорго Димоски