Остана светлина на крајот на ходникот,
музика внатре во увото,
збор во длабините на устата,
слика во длабините на споменот.

Остана и чинија во кујната;
неотворена книга врз масата
со веќе познат крај;
бакнеж во воздухот
со страв дека ќе се сруши на подот;
треперлива поштенска марка
пред ненапишаните писма;
едно „да ти кажам“, едно „спиј покрај мене“;
едно „не доаѓам за ручек, имам многу работа“;
едно „ако си одиш не враќај се“, едно „никогаш не оди си“.

Кој го предизвика пожарот што го остави овој пепел?
Превод: Марија Петровска