Во 1983, Кемал Зуко, жител на Сараево, бил опериран од мозочен тумор. И
покрај тоа што операцијата била успешна, штетата од туморот била сериозна и
тој никогаш повеќе не можел да се грижи за себе.
Десет години за Кемал се грижела неговата сестра, која во интервју за
една интернационална телевизија признала дека кога започнале
бомбардирањата, немала сила да остане во станот, па го напуштила Кемал и го
посетувала само наутро.
Кемал, на кој му било судено да си го помине животот в кревет,
спомнал пред камерите дека ништо не го плашело, освен гладот. Сепак, си
останал на зборот велејќи дека и покрај големата трагедија, сè ќе биде во
ред…сè ќе биде во ред (биће боље…биће боље).

Во оваа војна ништо веќе не ме боли,
освен гладот.
Кемал Зуко

А што да му се каже на човекот кој веќе изгубил сè
ако ноќта е светлината на неговиот прозорец
и памети живот непроживеан.
Згази сега на брегот на река
која беше носталгија, која беше голото тело
на некој љубовник,
сега е првиот чекор од падот,
смртта која се враќа со водите, а реката
сув док на кој и да заборавил да си ги следи чекорите.
Како да му зборувам за мојата земја, за дрвото кое ми е татко,
и за длабочината на очите кои ме будат,
кои се извор, зачеток на слепото речно корито,
кога текот кој го познава, единствено ја чисти
трагата на сите кои паднале.
Како да му зборувам за тебе, на тој човек кој верува
дека зимата се стапките на некој кој си заминува,
а снегот е водата која ги избегнува жедните.
Јас кој сум, животе мој, јас кој сум
овој што толку го љубиш,
ако не само уште еден сведок на несреќата.
Што е љубовта, овој копнеж за живот и покрај сè.
Глув е човекот
кој одговара на гласовите од минатото,
а јас,
сакам да го проживеам сето тоа што било скратено во нивните животи.
Ништо не ме плаши,
оти оглувев.
Не ги слушам бомбардирањата;
глув сум за сето тоа…
Биће боље, биће боље

Превод: Никола Ѓелинчески