Ја вртам приказната за Силјан Штркот
Кој е и тука и таму
Додека газам кон сртот во Коњско
Да сликнам трофејна фотка
Од единствените европски пеликани

Тие се разбира не чекаат
Да пријдам близу
И „Птичка!“ велам
Од далеку со крилјата ми мафтаат
Многу поздрави од Преспанското езеро
А јас ни Силјан ни Штрк
Нит сум тука нит сум таму
Баш никаде

Ни да полетам ни да запливам
Ништо
Ни несит ни пеликан

Па таков никаков мислам
Што прават Франс Лантинг
Тим Ламан
Квинтон и Ниџе
И целата таа екипа
Што ги снима птиците во лет
За National Geographic

Колку сол со себе носат
Да им ја стават на птиците на опаш