Драги мој, ништо нит завршува
нит почнува сега.
Убиствата истото го трпат,
Истото важи за книжевноста и вербата –
оружето на слабите.
Знаеме што можеме.
Кажаното меѓу редови нé убедува:
нас самите – со подбивно миропомазание,
обичните смртници – со мудра трпеливост
и даноци што скокаат
во случај на сомнеж
разбери го ко да е
дел од историјата на грчката демократија
ил пак римското право.
Драги мој, никој денес не си ја брани
честа отворено в лице.
Затоа се дипломатите, кадарни да ги разубедат
разумните.
Затоа со право те фрлаат в пекол.
Новиот рај не прифаќа
луд метафизичар
во потрага по бесконечен морал.

Околностите ги менуваат дури и светците:
– Треба да си со народот – како рекле
Петар и Павле.

Те милуваме, ко сказна
од одамна прочитана книга,
уште кога се ковеа мечови
за одмазда.

Смрт и слава?!
Чествувањето за паднатите станува патетично
во некој лош театар. Веќе не глумиме трагедии.
Од твојта драма можеме да поставиме
одлична фарса.
Епа, излези де тогаш, до кај што кралството
сé уште ти сјае
ко красна ѕвезда.

Август 1968
Превод: Марија Џонова