Тоа што секоја ноќ, дури и во сон без крилја, сонуваш дека леташ, ко-
ристејќи ја силата на гравитацијата како средство за стрмоглава игра,
среќен, зачуден, секогаш изненаден од вештината на летање

можеби е доказ дека твојот најдалечен предок бил една од оние птици
кои се изведуваат во највисоките воздушни коридори, кои ослободени од
Земјината тежа, никогаш не се спуштаат на цврсто тло и не земајќи храна,
спијат во лет, водејќи и љубов под отворено небо и над отворена земја

дека бил едно од оние суштества на кои не им треба ништо друго освен висина и далечина, кои сите потреби ги задоволуваат низ папочната врвка на сопственото блаженство.

Тие птици и јајцата ги снесуваат во воздух, па одлетувајќи понатаму,
му ги оставаат на Сонцето, тоа да ги лежи: Јајцето паѓа кон Земјата се
побрзо и побрзо и обично некаде на пола пат божественото пиле од
внатре го крши својот оклоп, се ослободува од мембраната,
и наскоро кога Сонцето ќе му ги исуши крилјата, паѓањето го претвора во полетување,
враќање во висините каде што лета неговиот вид.

Но се случува поради облачно време, прекратка траекторија или поголема крутост на мембраната некое јајце цело да стигне до Земјата и да се скрши дури со ударот во површината.

Суштеството што се испилува на тој начин останува да живее на Земјата, но веќе ниту бесмртно ниту божествено, без да го знае историјатот на своите претци, но често сонува дека лета, низ сферата на потсвесното пренесувајќи го тој сон на потомството.

Оваа приказна, никогаш досадна за увото, често ја раскажуваа Рамакришна, Свами Муктананда и Сри Аурибиндо, а со нив и стотици други, секој на свој начин, а сепак секој правилно.