Доцна се родив, и со вишок години,
Мој Хамлете,
За да ти бидам мозолчава Офелија.

Својата коса како полегнато жито
Да ја распостелам по темните води.
Со своите залидани очи
Да ги вознемирам залиданите локвани.

Да се слизнам меѓу рибите, како на риба.
Како мртва школка да паднам на дното.
Да се заријам во песокта покрај љубовните остатоци,
Јас амфора, да се сплетам со морските треви.

Повеќе би сакала фустанот да ми го соблечеш,
Крај нозете да ми падне како лисје од топола –
Која ветрот одеднаш и без прашање ја тресе,
Како да не прави ништо.

Побрзо би ја посакала таа егзекуција,
Вечноста на твоите раце на мојот врат.

Превод од српски јазик Бранко Цветкоски