Вселено – агли со правливи пајажини
ко на скитник алиштата жални, –
раскини се – на крстот сме одамна! – покажи ни
што криеш таму, во твоите темнини.

Мудреците одговориле на секое дали!
Но кому ли јас прашање ќе поставам:
не со прав – со стронциум врз библиските сандали
каде ли тргнал старецот Адам?

На гости ли кај својата безбројна челад?
Да ги види како се и колку имаат.
Зошто? – прашувајќи да им шепне.
Тие уште не знаат, дека змијата
не јаболкото – туку в уста ја држи земјата
и на вселенското дрво демне…

Превод од бугарски јазик Никола Кукунеш