Дојдов на овој единствен тревнат рид
во Рамала, потаму од улицата Токио,
за да положам неколку црвени анемони
и страк жито на гробот од Дарвиш*.
Позајмен стих ме пренесе под
вавилонската месечина и имав среќа
што се најдов во сенката на едно палто
за да ми држи топло, заслушан во песната на поетот
за Ерусалим, во зуежот на црвената струна
што Цезар ја украл од леутот на Гилгамеш.
Познат ми е затворот на сонцето врз кожата.
И земјата од каде што доаѓам ја сонуваа
пред да стасаат до неа во големи бродови
шибани од силните атлантски ветришта.
Врани ме следеа од дома.
Моето којотско срце е стар бегалец—
црвенокожец, благороден дивјак, Лакота**,
Го запознав лакот пред сводот.
Чувствувам како дивите билки, сите треви
и инсекти мене ми пеат. Мојот свет мртовец
е прашината на неспокојните рамници од кои потекнувам,
ми се допаѓа кога ми влегува в очи и в уста
кажувајќи ми за патиштата зад мене и пред мене.
Се навраќам на прекршените договори, сипаниците,
на иронијата од бодливиот тељ. Твојот пратеник
може да е и безбожник чие наследство
не е поголемо од голтка огнена вода.
Сонцето крена храм од коските
на моето племе. Го познавам исушениот речен тек,
а истребени животни живеат во твоите кошмари
што остри се ко заби од ајкула од моите планини
нанижани на овој храбар ѓердан на мојот
врат. Го слушам поглавицата Мечка што стои
како му вели на судијата Данди, „Јас сум човек“,
и сега знам зошто порадо би умрел како поет
отколку како воин, со тетоважа и томахавка.
Превод: Зоран Анчевски

* Махмуд Дарвиш (1942 – 2008), палестински поет признат како национален поет со светско реноме, добитник на
наградата „Златен венец“ на СВП, 2007 (заб. на прев.).
**Лакота Индијанците му припаѓаат на племето Сиукси, кое било најраспространето во централните прерии на Северна
Америка (заб. на прев.).