секој овде ги именува своите отсутни
своите хорди и племиња
своите народи кои ги брануваат
нивните закопани
секој ги именува
како камења изрежани во креветот на потокот
силекс, силекс
секој го врежува својот јазик
во глината на локвите
секој ги именува своите сенки
лексис**
секој вреска наспроти ноќите
секој копа во тишина
силекс, силекс
гледај
вели еден глас
гледај, тие одат напред
во тишината одат напред
во тишината од кремен, тие одат напред
како луѓе, како одат напред
ограбени војници, тие се партали
ги закачиле своите парталчиња
на закачалката на небото
тоа се балони кои
се откачуваат од сенките на бојните полиња
секој именува или вика
ги повикува безгласните,
старците кои ги мачат,
спомените кои зборуваат од утробата,
силекс, тие се тела напуштени
доаѓам, доаѓам вели сенката
како прогонување, во телото во коешто бев
го оживувам привидот,
ги облекувам сеќавањата,
зборувам со заборавот на телото што бев
одам на сцената зад кулисите
каде живеевме
и викам, јас
јас сум само овој крик
јас сум затворената уста
која се враќа на земјата
тревки или
базер*
ги напаѓаат моите заби
мојот череп е пејзаж
ги сенча ридчињата
го натрупувам отсуството
устата исчезната
устата само што не се родила
јас е заменка
гној или фетус
колку ли се? позади забите
паднати во прашината
колку крици и какви тишини?
една кохорта
една чета
разбојништва
какви ножеви се зариле во платната
во ноќта – парамециум
се делат
се множат
жителите од ѕидините
дувачите на селитра**
на кој егзодус овие,
на кое талкање се осудени?
тие се таму закачени
на рачката на театарот
птици наопаку
висат од седелата
уморни костуми
во плакарот на светот
само срцата треперат
би рекле
без двоумење,
кривење
над штиците на сцена
тие се без реплики
ја изгубиле
употребата на зборот
или пак никогаш и немале
пристап кон деновите што ги артикулираат, усните
никогаш немале зборови
за да го именуваат
нивното отсутво
Превод: Надица Николоска

* анаграм од зборовите EXILS/SILEX (егзил/кремен)
**lexis – повторно анаграм на exils, позајмен од грчкиот јазик со значење “збор”
*Asphodelus – тревесто растение со бели или жолти цветови кое се среќава на места оскудни со вода и богата тревна
вегетација.
**селитра или шалитра- Калиум нитрат, бела прашкаста супстаница која во природата може да се најде на многу стари
ѕидини. Селитрата, во еден период, се користела и за производство на барут.