1.
Одненадеж заруменува ЗЕМЈАВА кога
ја собираш в рака, па ја гмечиш дур прав не се стори
небаре си ти ситото, таа златото на нашите задни дни
а јас пак, трагачот со празни раце.

И така сè си доаѓа само на себе: велам: правта
дур паѓа се престорува вечност права траејќи
меѓу двата пола на битисувањето, падот нејзин
не подлежи толку на законот за постојано враќање колку
на гравитационите ограничувања кои грабаат по
материјата штом дланката ти се напрашила.

Токму овде се раѓа болот на космосот.

Тука е последицата, но не и причината.

Безбојноста од космички бои за мене нема никакво друго објаснение
сем сериозниот гест на грстот твој
дека при паничен излив ќе го обои системот цел
ако зад него не се криеше: велам:
зад гестот, а зад системот не,
кладенецот од кој извира сé
а не истекува ништо.