Ги пишувам последните стихови во мојот живот.
Од каде го гледам мојот живот?
На пр. од музеите со восочни фигури.
Таму има ли живот?
Нешто трепери како крилја во воздухот
како завеси на лесно ветре.
Има ли воздух меѓу восочните фигури?
Има ли нешто што личи на мојот живот?
Некој ги пишува последните стихови?
(Постојат ли последни стихови? Постојат ли
воопшто стихови?) Ги пишувам последните.
Што видов, што осознав (ако ги има) во нив?
Јас сум нем човек. Оваа е нема земја. Оваа
е нема земја, јас сум нем човек…јас сум
нем… нем… ммм. Човек.