Искуство на отсуство, гром во универзумот, и молња удира
од ѕвезда до ѕвезда, долната мрежа молска, останува блесокот,

прашања, и сите расфрлани сетила се собираат, тука,
замислата расте во постоењето, рид обликуван од ледено доба

или шумичка за човек да се замисли внатре и да гледа, со очите
отворени и затворени, на две места наеднаш, на небото, на земјата

сигурното набљудување на табанот се искачува на врвот од телото, станува
верување, и видливото се распрснува во виденото, фрагмент од вонземен,

спирален свет каде еден песнопоен ползач, непозната птица,
откопува непознат инсект од под кората, не прашува што е тоа,

секогаш во движење, не прашува што си ти, ти именувано,
збунето суштество, стапнуваш на плажата, а таму еден корморан

брзо прелетува над брановите, сонцето удира нешто во неговите канџи,
сонцето е во неговите канџи,
и постанокот е завршен за тој ден, умот преплавен, апстрактна мисла започнува

на хоризонтот, кога ќе погледнам натаму таму сум,
и морето е сино, дрвјата се вертикални, заблудите вистински,и патчето завршува.

Превод од англиски јазик Никола Ѓелинчески