Добив радосна идеја да поставам велосипедско тркало
а кујнски стол и да гледам како се врти.
– Душамп

Добив радосна идеја да обесам дел од сините глобуси во воздух
и да гледам како распукуваат.
Добив радосна идеја да го ставам бакарното коњче на полицата за да си се
зјапаме цела ноќ.
Добив радосна идеја да си создадам бездна во душава.
Па да ја наречам природна.
Па да ја наречам натприродна.
Добив радосна идеја да си врзам сина шамија на главава и да се вртам.
Добив радосна идеја дека некаде се раѓа едно дете кое не е ни трошка како
Хелена или Исус освен во смислата дека ќе смени сѐ.
Добив радосна идеја дека некој ден ќе откријам и задоволство и казна, дека ќе
ги знам и ќе ги чувствувам,
и дека, дури дојде моментот, преправањето ќе биде исто толку добро.
Добив радосна идеја да се сметам себеси за радосна.
Добив радосна идеја дека кучето што копа дупка во дворот сред самрак си го
има пикнато носот длабоко во светот на мувлата.
Добив радосна идеја дека она што не го разбирам е пореално од она што го
разбирам,
и потоа уште порадосна идеја да се обујам себеси
во пар сини кадифени чевли.
Добив радосна идеја да го исполирам рефлектирачкото стакло и да си
ја поздравам сопственава тажна душа. Здраво, тажна душо. Здраво.
Порадосна идеја не сум имала.
Препев: Горјан Костовски