Се качува пред него по дрвените скали,
хотелот му го покажува, собата негова, иронично
коментира, со таинствениот ѝ акцент, лекум,
дека и да ја отепаш не сфаќа
оти туристите го сакаат Порто. Во помошничката униформа
таа е Мечта. Тој веќе го познаваше хотелот
од Мелбурнскиот сон, таа тажна ноќ
кога, дури се замислува како се враќа во Португалија
со брод, и се истовара да влезе сред едно дождливо ветување,
беше заспал дури ги слушал Мадредеус:
О Тереза Салгуеиро! Сладок ангеле на Фадото! *
Таа, помошничката, беше жената која може ќе ја љубеше
ако светов не беше циничен, а неговото разединување
клише. Фустанчето се поткрева одзади нагоре по колената.
Нема музика таа ноќ, само, во соседната соба,
кокетно и гласно бакнување, американска туристка
со некој мештанин кој го сретнала претходно во ноќта.
Поетот мораше да признае дека ниту е Рикардо Реиш**,
ниту се вратил од Бразил, ниту еден роман не вредел,
и знаел: Самотијата е само отсуство на самиот себе.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски

* Мадредеус се португалска група, чија музика може да се окарактеризира како комбинација на фадо музика и модерен фолк. Тереза Салгуеиро, родена на 8 јануари 1969 во Лисабон е позната како главниот вокал на групата „Мадредеус“ од 1987-2007. (Заб. на прев.)
** Фернандо Песоа (13 јуни 1888 – 30 ноември 1935) – португалски писател, филозоф и книжевен критичар. Песоа се смета за еден од најголемите поети кои твореле на португалски јазик. Пишувал и кратки раскази, драми, детективски романи, а се бавел и со политичка и книжевна критика. Водечки лик на авангардното книжевно списание „Орфеј“, а неговите дела се сметаат за почеток на португалскиот книжевен модернизам. За Песоа е карактеристично тоа што во текот на кариерата користел различни книжевни имиња, како: Алберто Каиру, Рикардо Реиш, Алваро де Кампуш итн. (Заб. на прев.)