Средната класа е боди-арт на семеен излет:
си ги посипува влакната од телото и од ќебето
со железни струганки
и со магнетна плочка во лежечки став
си ги корне за последен пат. Во чистилиштето
нема контејнери за био-смет. Остави ми ги органите
да ми бидат мирисливи сунѓерчиња и облоги за глава
додека шлапкам во реката со солна киселина.
На брегот интелектуалците скандираат: Design or die!
но залудно – Бог крај човек што не го повикувал од дете
е како нож крај чинија со шпагети. Носи лигавче наместо костим за капење.
Москва има месечен циклус, Филаделфија еднослојна тоалетна хартија.
Знаеш и сам, во мигови на историски одлуки пука најкревкото
во животот на човека: кујнската штица.
И тогаш жилетот се одвојува од бричот, а синот од Богородица.
Кога влегуваш во собата со раскрвавен образ знам дека во огледалото
си го видел ликот на детето што сега е тешко 370 g и долго 21 cm.
Како една поли салама, велиш, и потоа заспиваме на нозе.
Во нашиот замрзнувач грчи во зимски сон мечката од зоолошката.
Ноќе си ладиш пијалак меѓу нејзините колена,
а јас меѓу моите стискам радио на долга бранова должина,
како тула што се лади или термофор што пропушта,
реалноста се лулка во застарени вести, секоја ноќ станувам сè поводоотпорна.
Нашата река се гледа само од прозорчето на визбата.
И никој повеќе не умира до крај. Средната класа гребе цени од подароци,
кити прозорци со ласерски ѕвезди, во гумени ракавици
си игра театар со сенки. Ти се плази додека викаш:
„Професионално изгонувам зомби! Бидете повторно слободни!“,
а знам, ако си предебел или преслаб и животот и смртта се исто бреме.
Крстот исправено може да го носи само човек со идеална тежина.