во Сараево

април навистина е најсуровиот месец

во кој се мешаат фантастиката и хоророт во ретортите на телата

духовите висат во воздухот, духовите на книжевната шизофренија

само треба да ги откинеш, овие тажни гроздови на вселената

и за тоа ќе плаќаш со сопствената крв

на Бистрик и Ковачи куќите се оградени со високи ѕидови

а човечките души се отворени како куполи на отомански џамии

воздухот е остар како месец на мртвите

во кафеанските приказни војната никогаш не завршува

дивизиите се распоредуваат меѓу пивските шишиња

се разговара за Србите, Муслиманите и Хрватите

за виновниците и жртвите

стопати утврдената вистина се мери со нанограмска вага

зашто епската нарација е плод на црвените крвни зрнца

ако Бразил е земја со најмногу фудбалски селектори на светот

овде живеат најголем број дрвени филозофи и мизантропи

и наспроти сето она што ме разурнува и ме изобличува

и понатаму учествувам во твоето парадоксално создавање митови

Сараево, ништо ми немаш дадено

освен својата поезија.