и само да го гледаш тоа што е надвор од тебе,
само да го слушаш тоа што ноќта ни го предлага.
Знаеш дека подобро е така,
без да ја смениш ни трошка навиката или да ја разбиеш досадата
и да оставиш темнината да се наталожи врз сè што гледаш.
Но таа темнина не е доволна за да ги помрачи
твоите спомени
не е доволна за да го угаси бесот на летото кое живее во тебе.
Сакаше да ѝ одолееш на светлината која непрекинато ти ги напаѓа спомените,
светлината која те заковува пред масата
каде што пишуваш,
која ти открива во устата горчина од зборови
чувство на глад што боли.
Не умееш да објасниш зошто те следи летото,
зошто сонцето на тие денови ти изгрева на патот.
Не можеш да објасниш зошто сенката ти се издолжува без дозвола,
зошто движењето на едни палми, на сред улица,
сега не ти изгледа толку далеку,
како што ти изгледа далечината помеѓу твојот заборав и спомените.
Гласот на твоите спомени не можеше да ти се потчини,
дел од тебе без дозвола се враќа кон диктатурата на светлината
каде горештината го наметнува чемерот,
каде смртта се повторува и ти ја подава раката.
Превод: Никола Ѓелинчески