За Кoрина во Трансилванија

…и дека не смеам да те бакнам и дека не смеам да спијам со тебе…
Владимир Холан (Таа те праша…)

Седеше со една девојка покрај базенот
(еден лет на пеперутка одалечен од брегот на морето)
уште еднаш ѝ ги читаше песните за проѕирните
суштества „помеѓу црвите и птиците“
и ги прашуваше меките усни и темните очи:
како дво-опашеста пеперутка си врз игличка.
Зошто немаш верба во своите песни?

Сакаше да ти каже: „Фактот што си ти, тоа е мојата судбина, и тоа…
Ти кој желно сакаш да ме бакнеш и да ја истуриш својата тага во мене,
ти кој не се сомневаш дека ноќе станувам кожурец, ларва,
дека до утрото ги влечам ранетите крила
низ кал и вирчиња неисплакани солзи
сè дур под силното сонце не се претворам во
суштество со медовит глас со тенка блуза
под која ми пеат градите од никого неpoгалени…“

Замолча. Ти ја подигна главата од нејзините стихови и виде само
пеперутка со црни очи и светла блуза.
Таа го навали своето крило врз здивот на твојата ужаснетост
а ветрот ја фати и ја плесна кон морето,
Кон ларвите, пеперутките и птиците на Ориентот.
Пееше, верувај ми, таа пеперутка, пееше слатко ко мед,
Но ти никогаш не дозна за што пееше.