Ерусалим да си дозволам ли да ги кажам твоите приказни
Со овој странски јазик
Дури се вртам како чигра по твоите улици?
Да ги отворам ли твоите порти дури лежиш
Под прстите на златна менора,
Каква ли значка да им покажам на твоите војници што го чуваат мирот,
Кога слушам една мајка која си ги вика децата
По полиња од невидливи уши и безјазични јазици,
И стари ѕидови што треперат од тајни, знамиња и бремиња
И Времето бесмртниот чувар, ги демне твоите улици,
Кога нането од твојот чај ми го освежува јазикот,
А леб ми го полни стомакот и јас одам, одам
По одот на Виа Долороса на дланката од градот
Покажувајќи различни правци
Со повеќе од еден минотаур во центарот,
Кога ја качувам Маслиновата Планина и гледам мртви луѓе кои чекаат
Како чоколади в кутија да се отвораат,
Кога го гледам трпението и нетрпението на чекањето,
И имиња на пророци, премногу за да ги запомнам
Фрлаат сенка врз твоите улици, да прашам ли за дозвола,
Да влезам, да си дозволам ли да стојам покрај ѕид, да одам во редот
Кај луѓе во вечна тага, копнеж, да ја додадам ли
Мојата жал кон нивната и да побарам да се изградат храмови,
Идол на идолите, како ли да добијам влез?
Ти, папокот на овој свет, каде луѓето се вкорениле
До сол, вера, верност, трипати одново,
Како три реки кои засебно течат,
Помеѓу твоите спасителни апокалиптични брегови,
Каква порака можам да понесам како мелем за твоите рани?
Сите пораки ти се познати, впишани се
Во твоите карпи во ракописите на пророците,
Град на ѕидови, карпи, замја, обнова, воздух,
Светлина, небо, крв, надеж, солзи, лелек, плач,
Град на улици кај се вртат многу јазици,
Каде минато сегашност иднина постојат како еден триптих,
Да си дозволам ли да ја сменам картографијата на религија,
Да стојам под златната купола и да пуштам во лет
Нова литанија што чезнее да биде препишана.