Кога клучот ти висеше околу вратот
главата ти беше стомаче на Буда
што го галеа роднини претприемачи
со непроменлива новогодишна желба
(пари = здравје, среќа и љубов),
тие имаа омилен сон, ти омилен кошмар,
Бах на радио, грав во чинијата и Бруно Шулц
во став мирно во туш-кабината.
Среќниот човек се полни надвор, а се празни дома
(џебови, желудник, ум, сперма),
само празнината се остава врз анатомска перница
што ти ја помни главата
и кога клучот одамна ја изгубил врвката.
А сега, кога и несреќата е полнење
стомачето на Буда треба да се истрие од навлаката на перницата
или да се смени со некое поново божество,
менувањето на постелнината ја менува и среќата
како батерија во полнач што престанал да трепка.
За сè ти е потребен клуч освен за совеста
хортикултурно уредена со англиска трева, џуџе и сензорска ограда,
дом во којшто едниот, единствен бог е патронажна сестра
што доаѓа во посета три дена по раѓањето и три дена пред умирањето.
Во црното куферче со клуче со два запца
еднаш носи вага за животот, другпат вага за смртта.