Материјалот на моите соништа
се состои од најнеповолни нешта.

Замок во морето
каде што не видов како зајдисонцето
се распрсна портокалово.

Дамката на еден вулкан без оган
ранет од град
од еден трамвај кој ме води кон југ.

Животно квичи во далечините
без да можам да му помогнам.
Дождливо попладне со чадор.

Несовршена потрага
по една прегратка.

Кој ќе ја прочита
од моите сништа скриената таписерија
ќе ме нарече кукавица.

Понекогаш се будам
како светот да е на друго место
и доволно е да купам фотелја
меѓу небото и креветот,
тој вселенски брод што ме движи
како евтино кино
кон несигурната иднина
на друг пат со тебе.
Но, крајот е најавен
со бели букви
секогаш на темна основа.

Гледаш,
спротивно на животот,
во полумракот,
и натаму те сонувам.

Превод од шпански јазик Марија Петровска