Мене не ми треба божествен знак
или ѓаволово искушение
за да се нурнам во бран лудило
Јас сум будалеста
во својата нормална состојба
Не озборувам додека пијам кафе
не смислувам вратка на навредата
не размислувам кој фустан да го облечам утре
додека ги мијам чиниите
Јас сум ненашминкана мајка
која не обува штикли кога оди на родителска
Јас сум нестандардна жена која не отвора чадор
на благиот летен дожд
и не си плука во пазувите за не дај боже
Јас сум таа што сум
Мене не ми треба пролет за вљубување
ниту пак врело лето за летување или за побудалување
Споените жички се мојата нормална состојба

Како другите во морето
јас пливам во своето
поетско лудило