А се сеќаваш ли кога реков
дека подобро е да не се биде
на овој свет, подобро е со потиснати сетила
да се набљудува меурот на постоењето
отколку да се чекори по поле носејќи вода
од изворот на животот во ведро што протекува,

и како и секогаш ти таман да се расплачеш
туку си се изнасмеа и рече дека мртвите се во ред,
овој шир од живот сега им е покрив,
нема да се вратат, но мрежите од гранки
ќе ги носат низ сферите, само непотребното го нема,

а еве си, чекориш врз нив со мене
во длабоките сенки под крошните,
и ако бараш мир, тогаш зошто ли
ја наруши тишината, која беше добра,
и разоткри сè што таа чуваше неизречено?

Превод од англиски јазик Никола Ѓелинчески