Мене не ми требаат магични тревки
и волшебни зборови
што ги воскреснуваат заборавените полиња
и обраснатите меѓи на родниот крај
Јас своите халуцинации ги доживувам
испростумена во јавето
а тагите си ги боледувам во Сонот

Во неговите синори со распролетено срце на дете
одново со дедо ми бродам по ровката земја на нашите ниви –
стежнати и зажарени од узреаното жито
и раскласените пченки
а потоа се распостилам под широката круна
на осамениот јасен
и правам бардачиња од глина за Денот на мрвите

И оваа есен амбарите на душата ќе ми бидат полни
со златни зрна и мирисливи класови
Во мојата силна, чесна живејачка
само топлината на твојот Глас ми недостига
за да ја дочекам подготвено зимата

Неутешно е што не може да се зароби ехото негово
во тесните грла на исушените бардачиња
Накитени со гранчиња сув босилек, немеат спокојно
во бабиниот долап под згаснатото кандило