На Исмаил Кадаре
Илјадалетија спориме,
илјадалетија го градиме и разградуваме
нашиот мост
(на Дрина,
на Дунав,
или мостот со трите арки
во Албанија).
Илјадалетија се прашуваме:
Каде е Златниот Град – на Исток
или на Запад?
Каде е Пророкот
и каква ќе биде нашата ѕвездена стока
по тој мост меѓу изгревот и залезот?
Со ножеви меѓу забите
се прашуваме:
Навистина ли живи луѓе – нашите луѓе
биле заѕидувани
за да биде
мостот меѓу
Исток и Запад
поцврст?
Илјадалетија споревме, војувавме
се убивавме, гиневме
градевме и разградувавме.
Најпосле го пронајдовме авионот
и денес
ниту еден патник не го гледа
нашиот стар мост.
Превод од бугарски јазик Славе Ѓорѓо Димоски