Ги црташ моите тешки бутови со графит
На невино белото платно Во еден здив Риба сум
Со насмевка на исполнетост евангелска икра истекува од мене
Со движења на привремена целосност означуваш
Грев густ како тајната на Етрурската тишина
Сред кршливо утро силни раце се обвиткуваат околу
Почетната белина на жеден стомак Два снежни гулаби кружејќи плетат
Се гнездат полнети со зрел мед
Оскорушата ги отвора своите мириси
Безвучна питома дур ја добива својата летна нијанса
Знае што дава
Погалена од циметовиот акварел на зората
Отвораш езера со каравани од прсти долж ’рбетот
Амбис Дозволи долговратиот лебед да биде попрскан со ѕвезден
Бисер пред нежното потонување