Помлада сум на оваа фотографија,

помлада од сè што некогаш сум напишала

и јас сум третата личност што недостасува.

 

Во мене, притаено, моите зборови си земаа облик.

Како молец кој се буди од кожурецот во летото,

како ми провира низ прстите,

од моето притаено место, како поет, исчекорив.

 

Чувајќи си го срцето добро скриено,

држејќи се малку назад

седев разоткриена.

Во мракот го барав безмилосното дрво

и можеби трага од зелено јаже.

Сигурно се сеќавате на Газале?

 

Помлада сум на оваа фотографија,

помлада од мојата лична сенка.

Сè што не можев да напишам

го замаскирав, криејќи се во ќерка ми,

губејќи се во мајка ми.

Баравме издишка во првиот знак на пролетен дожд,

но моето срце секогаш ќе се кине поради губењето на овие жени.

Сигурно се сеќавате на Назанин?

 

Тие денови беа полуди од секоја војна,

скоро – тишина

каде зборовите се шепотеа со страв

под старо армиско ќебе.

Само поезијата можеше да нè држи близу,

кога и самата не беше останата без збор.

Низ буквите што си го менуваа обликот

ѕиркаше детско лице,

напишаното сето разместено и тешко за дешифрирање.

Меѓу зима и лето

надвиснатото небо нè раздвои.

Измеѓу патот кој ми се прекрши околу вратот

и зборовите кои фатија оган во твојата уста,

Не знам дали се сеќавате на мене?

 

Со пар ножици

ги отсекувам сите сенки од сликата

и нè променувам во чисто за Пролетта.

Вашите редови беа нов почеток,

а поезијата беше единствената чиста облека што ја знаев,

љубов што беше поубава од која било.

 

Необично сме млади на сликава,

главите ни се наведнати една врз друга,

интимна, полна љубов – ете сум.

Во овој флекав црно-бел негатив

со нашите огромни, фиксирани насмевки,

се соочивме со светот, гордо исправени.

 

Во сеќавање на поетесите Газале Ализаде и Назанин Незам Шахиди што умреа млади и во несреќни околности.

 

Препев од англиски јазик: Елида Бахтијаровска