О, да бидеш сама,
Без твојот ôд, твојот глас…
О, да ја чуеш тишината како растот на
Темниот цвет во аголот од собата.
О да бидеш насред молкот на нештата и умот.
О, да бидеш сама,
Без твојот ôд, твојот глас…
О, да го чуеш само чукањето на своето срце.
Да тихуваш како печурка насред влажна шума.
О, да се испружиш преку креветот
Како скршена гранка.
О, да бидеш залепена за тишината
Како лист за влажен асфалт.
О, да бидеш сама,
Без твојот ôд, твојот глас…
Покриена, обвиткана со тишината.
О, да ја чуеш ноќта како се згуснува.
О, да лежиш сама, будна,
Додека месечевиот зрак паѓа на креветот
Како ладен меч.
О, да ја чуеш тишината како крик од утка.
О, да бидеш без твојот ôд, гласот на твоето тело
Како во гроб положена.
Превод од српски јазик Никола Кукунеш