(Јас пак, за четврт век, горе-долу)

Од утре ќе си старец
со бастунот пред себе
ќе чекориш сам
ќе си мрмориш самиот ко сите старци што си мрморат
ќе станеш своеглав, слаб со слухот, и бавен
ќе бараш помош кога ќе ти треба
но никој нема да ти помогне
ќе сонуваш за минатото
и минатите добри денови
дури внуците мислат за иднината
и деновите што надоаѓаат
ќе ја пцуеш оваа досадна генерација
и ќе џавкаш ко расипана плоча
колку прекрасна била вашата генерација
фамилијата ќе си игра мајтап со тебе
ќе те исмеваат и тебе и ставовите твои
за кои мислиш се најточни
на усните саркастична насмевка ќе ти осамнува
штом се спомнат зборови ко тврдоглавост,
елан и верба во иднината
можеби и ќе се смееш
коските ќе ти смекнат
болештина низ плотта ќе ти лута без престан
и без дозвола
сите желби ќе ти згаснат
освен желбата за умирачка
без пријател или другар
сал самотијата за потпора и друшка
секогаш спремен за заминување
гробниот праг ќе те примамува и ќе ти прави друштво
сите ангели ќе те предадат и ќе заминат
само Азраел ќе ти пријде како најсетниот пријател
можеби пред да заминеш ќе кажеш:
ако умрам, закопајте ме овде во туѓинскиве гробишта
можеби зборовиве
ќе ти бидат најзадната желба.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски