Музо со облик на тиква надуена
од ветер во крошната на дудинката,
кажи ми од што си создадена,
мала пустинска лотко на богот Ра.
Овална кутијо со бедуински гугутки
што во воздухот колваат зрна од калинка,
ти си на поетот одраз, негов двојник си
во третата одаја на великиот свештеник,
секоја струна ти е литанија од ѕвезди над Сахара.
Патнику со облик на круша, толку цврст, а лесен,
зар сал јадец-ковче заедно те држи и крепи?
Би сакал да знам како да те разглобам
со пердув од орел или со шило
изделкано од биволски рог
што наглас пее за прашината нубиска.
Ти розино дрво што зреело долго,
кога би можел барем дванаесетте усти со бакнежи
да ти ги затворам. Јазици нанижани во низа,
кога би можел барем секој ваш звук да го отворам.
Му завидувам на благословениот кој господари
нишајќи се со тебе во своите осамени раце.
Мала лотко на тагата, свиј го својот глас
Сè дури имињата на јунаци разни и љубовници,
На птици и животни, на молитви и љубовни напеви,
Не се изројат од твојата утроба.
Превод: Зоран Анчевски