Помнењето ми е војничка конзерва паштета
со неограничен рок на траење. Се враќам на места
кај што сум стапнала со само еден јазик во устата
и на домородците им матам жолчки за добар глас,
во снегот од белки Исус лежи распнат како да се шегува,
за француски бакнеж се потребни два јазика,
сега кога имам неколку, не сум повеќе жена туку ламја.
Ни јас како Свети Ѓорѓи никогаш не научив
да пружам вештачко дишење, носот ми е затнат со години,
и сама дишам низ туѓи ноздри, светот плаќа.
Аха, не ти е чиста работата, не ти е чиста работата!
викаат зад мене паднатите ангелчиња
што собираат стара хартија и пластика,
најмногу ги сакам кога во ходникот ги изнесуваат
своите креветчиња да се проветрат од ДНК,
тогаш на нив се спружуваме со А. секој од едната страна
и во точно замислена љубовна прегратка
ни се поткршуваат сите порцелански заби,
непцата ни се претвораат во ококорени очи,
пред нив јазиците во темнината си ставаат сопки,
’ржат, цимолат и јачат, а нам не ни е ни страв ни жал.
Помнењето ми е црна кутија од паднат воен авион
со неограничен рок на тајност. Се враќам на места
кај што сум стапнала со само една крв под кожата,
на домородците им ги прецртувам плодните денови
во календарчето за имендени и домашни слави,
домашните животни копнеат по диви, дивите по питоми.
Како еврејски пар во денови на пост и месечни циклуси,
така и јас и Бог со години спиеме во раздвоени кревети.