секој ден носи свој мир
една мрачна гласина која минува низ шкафовите на историјата
секој ден се разоткрива во шумливите мали бодежи
на едно метално јазиче растворено во чаша со сода
каде што се рефлектираат механички ескалатори и подмачкани
трипод-врати
за еден човек кој не постои
ние сме кршливи парчиња првут
поправена ролна на еден меланхоличен филм
кој преплавува празна сала со вкус на горка осаменост
изгребани плочи на кои учителот по танц инсистира
да ги пушти да потпукнуваат под дијамантот на една ѕвезда
за да ја најде нишката на незавршените ритуали
хармониите на очајот
напукнатите чинии кои се вртат врз стапчињата на знајните
како ископаните очи на еден луд бог
во разочараната ноќ
го промешуваме нашето мало парче небо со лажица
извиткана од вчерашните гозби во руината на камените градини
малтретирани од чаталите на градителите
звук на ситни монети
тешко дека и хорот од мртви
дојден да бара тишина и самиот ќе се чуе
ќе знаеме ли вечерва да најдеме трпение
за да може да прозбори пепелта
да ја пробиеме нашата мрежа од кртови жедни за значење
во стаклестата утроба на левијатанот
да го заведеме јазикот
со нашите одронети слики и нашите нејасни возбуди
за да им понудиме едно сеќавање на овие неблагодарни времиња
додека се наметнува една прва мисла
како огнена пеперутка
врз тангата на една мртва стриптизерка
задушена во својата пирамида од профитерол крофни

Превод од француски јазик Надица Николоска