на Соуза Дијаш
Да се екстрахира значење е нашата првична задача.
Збигњев Херберт

Има
тенок сноп попладневна светлина што допрва треба да се реши.
Нема многу да трае сигурно е (ја чека
заборавот) доволно е само
ноќта да се спушти. Сѐ уште е нужна таа светлина
пред да се затвори плажата
(еден миг да се заборави
да се присети
да се врати назад). Не останува веќе многу знам јас
(сал мигови без моменти) она малку
што го дели сеќавањето
од опсенот. Го барам неискажливото во густината на самракот ако
јас не го сочувам во песна овој жеглив прободен час
ниту тој ниту ова пладне никогаш
воопшто нема да постојат.

Превод од португалски јазик Наташа Сарџоска